Корејски Полуостров

Ким Јонг Ун сака зближување со Јужна Кореја

06.03.2018 12:48

Сеул и Вашингтон со внимание и резерва ја толкуваат подготвтеноста на Ким Јонг Ун за повторно обединување на двете Кореи. По првата средба со делегација од Јужна Кореја во Пјонгјанг, лидерот на Северна Кореја изразил волја за продолжување на разговорите. Односите се влошени поради нуклеарните проби од режимот во Пјонгјанг...

По повеќе од една деценија, јужнокорејска делегација предводена од шефот на Бирото за национална безбедност ја посети Северна Кореја за да се воспостави директен дијалог меѓу Пјонгјанг и Вашингтон. Белата куќа најави нова серија еднострани санкции, најстроги во претседателскиот мандат на Трамп.

Според Владата во Јужна Кореја, на историската средба не бил постигнат договор за самит, кој доколку се случи, ќе биде прв од 2007 година. Поради непредвидливоста на контроверзниот Ким Јонг Ун, којшто повеќепати не ги испочитува предупредувањата од Западот и од соседите, Сеул и Вашингтон со резерва ја толкуваат неговата добронамерност за обединување на Полуостровот. Тврдат дека Пјонгјанг се обидува да ги ублажи меѓународните санкции.

И граѓаните на Јужна Кореја не се толку големи оптимисти околу напредокот на разговорите.

Ако почнеме да правиме помали чекори, можеби ќе се случи обединување во идните генерации, ако не и во мојата. Учеството на Северна Кореја на Олимпијадата е мал придонес кон тоа.

Ништо од ова нема директно да не однесе до целта. Може само да се насочи во вистинскиот правец“- велат граѓани на Јужна Кореја.

Наредната одредница на јужнокорејската делегација се очекува да биде Вашингтон, каде што ќе се пренесат првичните заклучоци од историската средба. Јужнокорејската делегација за прв пат влезе во седиштето на Работничката партија во Пјонгјанг каде што беа водени разговорите.

 

Маја Филдишев