Случај „Поткуп“: Посебните мерки прифатени за доказен материјал

06.03.2018 15:32

Во судот рочише за случајот „Поткуп“. Обвинителот тврди дека ќе ја докаже вината на Заев. Тој, пак, вели дека случајот е конструиран. Одлучено- снимките кои се појавија на Јутјуб ќе се користат како доказ. Премиерот тврди, прикажаното не е целосно...

Обвинението е бесмислено, полно e со грешки и со злобни намери. Го креираше претходната власт во спрега со Обвинителството за да ме спречи да ја објавам „Вистината за Македонија“, изјави Зоран Заев. Не чувствува вина.

Судот одлучи, видеото снимено во работниот кабинет на Заев кое се појави на Јутјуб ќе биде дел од доказите.

Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп во висина од 160 илјади евра од струмички бизнисмен за легализација и откуп на градежно земјиште.

Во воведен збор, обвинителот рече дека Заев побарал подарок од 1 евро за секој квадратен метар земјиште, и исто толку донација за изградба на црква. За возврат ветил- ќе издејствува работата да се заврши.

Адвокатите на Заев, пак, рекоа оти тоа не е вистина, а и самиот обвинет дал донација од 50.000 евра за изградба на Соборниот храм.

Почеток на судењето за случајот „Поткуп“ следува по неколку одложувања на претходните рочишта.

 

Анита Димитријевска