Без епилог собраниската седница за Законот за јазици

06.03.2018 16:23

Закажано продолжението на седницата на која на деневeн ред е третото читање на Законот за употреба на јазиците. Почетокот два пати одложен, во меѓувреме меѓупартиски координации. Премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на последната средба останаа на различни ставови...

Сѐ уште без епилог собраниската седница на чиј дневен ред е третото читање на Законот за употреба на јазиците. Продолжението на пленарката двапати одложувана.

Во меѓувреме, меѓупартиски координации, но само на оние од власта бидејќи опозицијата не учествуваше во нив. Шпекулациите одеа во различни насоки дека собранискиот спикер Талат Џафери без амандманска расправа ќе го протурка Законот, но проструи веста дека Социјал- демократите бараат точката да се спушти подолу на дневниот ред.

Никој од пратениците не соопшти дали во владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ има несогласувања околу тоа како да се постапи со Законот за јазиците на пленарната седница.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35.000 амандмани и бара нивно разгледување, или пак негово целосно повлекување бидејќи е неуставен. Социјал- демократите, пак, сметаат дека со Законот се унапредуваат меѓуетничките односи.

Премиерот и лидерот на ВМРО- ДПМНЕ останаа на своите позиции и по средбата во Владата. Заев смета дека Законот треба да помине во Собранието, а кој смета нека е незаконски, да го оспори пред Уставен суд.

Претходно, од опозицијата беше демантиран и спикерот Џафери, кој изјави дека се приближуваат ставовите околу Законот за јазиците, но по неколку часа ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение дека договорот сѐ уште е далеку.

 

Миле Ристески