Дискусии за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров

07.03.2018 12:35

„Дискусиите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров ќе доведат до резултат кога Јужна Кореја и САД ќе имаат заеднички позиции“, изјави претседателот на Јужна Кореја. Неделава се планира состанок на оваа тема по најавата од севернокорејскиот лидер за можно стопирање на спорната програма доколку исчезнат заканите од западот. Санкциите остануваат во сила.

И покрај изразената волја на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за денуклеаризација, официјален Сеул тврди дека е рано за оптимизам и одлучи дека нема да ги намали санкциите кон официјален Пјонгјанг.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џеј- Ин негира дена северниот сосед добивал тајни предлози за да се убеди на преговори. Претходно, неговата делегација беше на средба со Ким Јонг Ун којшто потенцирал дека ќе стави мораториум на нуклеарните и ракетните проби доколку САД почнат преговори со Пјонгјанг. Стопирањето на нуклеарните активности е предуслов за напредок во разговорите и од властите во Јапонија. 

Токио ќе продолжи да издава предупредувања и да ги надгледува активностите независно од тоа дали се води дијалог со Северна Кореја. Пјонгјанг мора целосно и неповратно да се откаже од програмите за нуклеарно и ракетно оружје пред да се вклучат во дијалог. Непотребно е да се каже дека Северот не треба да врши провокации“, изјави Ицунори Онодера, министер за одбрана на Јапонија.

На првата официјална средба во Северна Кореја во последнава деценија, делегациите на двете соседни земји закажаа априлски самит и договорија активирање на т.н. жешка телефонска линија.

Вашингтон и Пјонгјанг водат вербална војна и поради убиството на полубратот на Ким Јонг Ун којшто, според заклучоците на САД, бил усмртен со нервен агенс во Малезија по наредба на Северна Кореја. Се заканија со нова серија санкции.

 

Маја Филдишев