Бошњаковски: Практичари од правосудството дел од Советот за реформи

07.03.2018 12:55

Владиниот портпарол Бошњаковски објаснува дека во Советот треба да членуваат практичари од правосудството.

Владата избра дел од членовите во Советот за имплементација на реформите во правосудството со кој ќе преседава премиерот Заев. Во него нема место за членови од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.

Владиниот портпарол Бошњаковски објаснува дека во Советот треба да членуваат практичари од правосудството.

„Ние не навлегуваме во тоа кој и во кои аспекти работи во рамките на правосудството. Тоа што нас ни треба се соодветни практичари врз основа на постоечката стратегија“- вели Бошњаковски.

На редовната 57-ма седница, Владата го формираше Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата во правосудството 2017– 2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев. Беше утврден и составот на Советот. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, јавниот обвинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховниот суд, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од основните судови Скопје 1 и 2.

Членови на овој совет ќе бидат и народниот правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседател на Здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу принт групата на граѓански организации за правосудство.