Влада

Екипиран Советот за реформи во судство

07.03.2018 14:12

Избрани дел од членовите во Советот за имплементација на реформите во правосудството со кој ќе претседава премиерот Заев. Во него нема место за членови од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.

Владата го екипира Советот за спроведување на реформите во правосудството. Во него ќе членуваат претседатели на судови, народниот правобранител и две професорки по право. Во ова тело со кое ќе претседава премиерот Заев нема да бидат претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Објаснувањето на Владата е дека ним им требаат практичари. Владата решила во Советот да членуваат претставник од Врховниот суд и од Адвокатската комора, но тоа да не бидат првите луѓе.

„Ние не навлегуваме во тоа кој и во кои аспекти работи во рамките на правосудството. Тоа што нас ни треба се соодветни практичари врз основа на постоечката стратегија. Нема да бидат членови кои биле носители на одредени негативни појави во правосудството“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Во последен момент владата го повлече владиниот „Мерцедес“ од продажба. Одлучено е тој да не се продава сѐ додека трае судскиот процес.

Објаснувањето на владиниот портпарол е дека тоа е сторено за да се оневозможи избегнување на одговорност на обвинетите во судскиот процес кој се води за купување на возилото.

Од останатите точки, одложена е примената на Кембриџ програмата во средното образование, а Владата донела одлука за формирањен на Национална установа- Ансамбл на албански ора и песни. Образложението е заради негување на фолклорната уметност на албанската заедница.

 

Миле Ристески