Се редат оставки во Антикорупциската комисија

07.03.2018 15:10

По Миленков и Тантуровски, од функции се повлекуваат и Жаклина Дамчевска, Сејди Халили и Фадие Алиу. Поместувањата во ова тело доаѓаат откако беше објавен ревизорскиот извештај, каде има сомнеж дека се исплаќале пари за патни трошоци врз основа на фиктивни налози...

За три дена, шест оставки во Антикорупциската комисија. Од позицијата членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, денеска покрај Жаклина Дамчевска, се повлекоа и Сејди Халили и Фадие Алиу.

Вчера оставка поднесе претседателот на комисијата Игор Тантуровски, а во понеделникот и неговиот претходник Горан Миленков.

Оставките следуваат откако во ревизорскиот извештај од УЈП беа наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошење буџетски пари.

За извештајот на ревизорите, истрага отвори Јавното обвинителство, а парламентарното мнозинство ги повика членовите да си поднесат оставки или ќе биде иницирано нивно разрешување во Собранието.