Политика

Законот за јазици го блокира Собранието

08.03.2018 14:38

Законот за јазици предизвика блокада на работата на Законодавниот дом. Во ДУИ велат дека Законот е шанса за опозицијата и претседателот Иванов да ја потврди кохезивноста на општеството. Во ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат- еден закон не може да ги блокира реформите...

Собранието си даде една недела слободно поради несогласувањата во владеачката коалиција за Законот за јазиците. Се пеглаат различните ставови и меѓу опозицијата и власта како до применлив Закон.

Дали една од опциите е лидерска средба на премиерот Заев, со коалицискиот партнер Ахмети и со лидерот на опозицијата Мицкоски, останува да се види.

Артан Груби од ДУИ преку соопштение за средбата со британскиот амбасадор Гарет и раководител на секторот за Западен Балкан од Форин офисот, вели дека законот е шанса за опозицијата, за претседателот Иванов, но и за сите други да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество со заокружен нормативен дел на Охридскиот договор.

За Законот за јазиците, Груби посочил дека за решението е раговарано и предходно договорено и со ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги отфрлил шпекулациите дека владеачката коалиција е во криза, напротив- според него односите се одлични.

ДУИ ја блокира работата на Собранието и ги попречува реформите со носење еден закон, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, законот за двојазичност не е дел од реформите кои треба да ги реализира земјава. Очекуваат дека СДСМ и владејачкото мнозинство конечно ќе се посветат на европската агенда и реформските приоритети.

Од Брисел посочија, дека Законот за јазиците не е дел од тој реформски процес, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

          

Миле Ристески