8-ми март

Осмомартовски марш за женските права

08.03.2018 15:25

Во Скопје, жените од различни професии маршираа против насилтвото и стереотипите во општеството. Од Организацијата за родова еднаквост побараа да се подигне јавната свест за нееднаквата положба. Во Конфедерацијата на слободни синдикати велат- огромен е бројот на мобинг врз жените на работното место.

Стоп за насилтвото и омразата врз жените, отфрлање на стереотипите во општеството- ова е пораката од Осмомартовскиот марш во Скопје. Платформата за родова еднаквост посочи дека 175 илјади жени немаат гинеколог во својата општина, 80 проценти од Ромките плаќаат за ехо прегледи кои треба да бидат бесплатни, а пристапот до абортус е ограничен.

„Сакаме да ја кренеме свеста и за разочарувачкиот број на жени на одлучувачки позиции, вклучувајќи ги министерските и градоначалничките позиции, иако истражувањата покажуваат дека жените се во најмала рака еднакво квалификувани како и мажите на овие позиции. Во 2018-та година сакаме гласно да го осудиме насислтвото врз жените, кое во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина нееднакво се осудува и казнува“, изјави Снежана Илиќ- организација „Реактор“.

Маршот беше поддржан и од владини претставници.

„Наместо подарци и прослави денеска сметам дека секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша што минатата година направи за родовата рамноправност и што и што ќе направи во наредната година за родовата рамноправност, само така ќе направиме еднакво општество кое е инклузивно“, изјви министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Во земјава рамноправноста меѓу жената и мажот е постигната, но само на хартија- сметаат Конфедерацијата на слободни синдикати. Регистрираат мобинг на работно место, но ретко која се охрабрува да пријави. Има и разлики во платите за исто работно место.

„Да се потсетиме дека жените се 12,5 проценти помалку платени од мажите во сферата на трудот. Голем број на случаи на мобинг има, меѓутоа оние кои што се охрабруваат да го пријават случајот на мобинг е многу мал“, вели Санела Доневска, секција на жени при КСС.

И од Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетуваат дека текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на семејно насилство и со попреченост се најранлива група во нашето општество.

78 проценти од жените се жртви на физичко насилство, а речиси во сите случаи сторителите се мажи- велат од Хелсиншкиот комитет. Според нив, загрижува и тоа што голем број од жените не го пријавуваат насиството врз нив во ниту една јавно достапна служба.

 

Андријана Атанасовска