Распределба во јавниот сектор

08.03.2018 15:34

1.600 вработени по Рамковен ќе се распоредат не само во администрацијата, туку во целиот јавен сектор. Ресорното министерство ги утврди профилот на кадрите...

Вработените по Рамковен договор што земаат плата, а не одат на работа, ќе бидат распределни не само во министерствата и државните агенции, понуда за работно место ке добијат во целиот јавен сектор- посочи ресорниот министер Манчевски. Разместувања на дел од 1.600 вакви кадри ќе има и во училишта, градинки, здравствени инститции, јавни претпријатија. Наредните денови, први на листата ќе се најдат оние што ги исполнуваат условите за раководни места, по нив ќе се пополнуваат и другите позиции.

„Генерално правиме операција на барање кадри внатре во администрацијата, за реорганизација, коишто ги исполнуваат условите за заземање на некоја од раководните позиции, веднаш тоа да биде направено. Некаде нема да биде прифатливо тоа што им се нуди и тогаш се применуваат законските одредби со кои овие луѓе се ставаат на трансфер листа, не значи дека се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање за други институции. Ќе се добиваат понуди како што добиваат понуди и останатите на трансфер листата во јавната администрација“,  посочува министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Манчевски потврди дека се направени корекции на четири закони, за да се спроведе постапката на распределба. Амандмански е интервенирано и во Законот за јавна администрација. Министерот вели дека е направена и анализа на професионалните искуства и образованието што го имаат овие кадри, што ќе бидат земени во предвид при понудата за работно место.

Не е прецизирано до кога ќе трае целиот процес, но оптимистички се ставовите дека ќе се најде решение за сите 1.600 вработени по Рамковен, без работна позиција.

Сузана Фиданска Стоевска