Сѐ поизвесна трговска војна меѓу САД и остатокот од развиениот свет

08.03.2018 15:44

Европската унија подготвува одговор откако американскиот претседател Трамп ги најави царините за челик и алуминиум. ММФ оценува- трговијата војна ќе има страшни последици...

Сѐ поизвесна е отворена трговска војна меѓу САД и остатокот на развиениот свет. Решеноста на претседателот Доналд Трамп да водеде царини на увозот на челик од 25% и 10% на алуминиумот, предизвика жестока реакција на голем број земји, меѓународни организации и асоцијации.

„Трговската војна може да има страшни последици за глобалната економија, бидејќи под закана ќе биде економскиот раст. Во трговската војна предизвикана од зголемување на царинските тарифи никој не може да победи“, изјави Кристин Лагард, извршен директор на ММФ.

Едностраниот американски потег им остава отворен простор и право на нивните економски партнери и сојузници да одговорат на ист начин, пред сѐ со жалби пред Светската трговска органзиација, но и со воведување контрамерки. ЕУ веќе потврди преку ставот на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер дека ќе следуваат контрамерки со кои што ќе бидат погодени моторциклите Харли Дејвидсон, легендарниот бренд фармерки Левис, бурбонот, додека Кина најави дека на удар ќе биде увозот на соја од САД, но ќе следува и отворање противдампинг истрага.

„Извештајот на американското Министерство за трговија говори дека американскиот увоз на челик треба да се намали за 15 милиони тони. Тоа би можело да предизвика пораст на увоз на челик или алуминиум во ЕУ. Затоа се подготвуваме да ги примениме нашите сопствени заштитни мерки“, вели Сесилија Малстром, еврокомесар за трговија.

Европската комисија смета дека со оваа мерка ќе бидат загрозени илјадници работни места во ЕУ и затоа ќе следи црвст и пропорционален одговор од Брисел. Ќе се воведат царини на вискито, путерот од кикирики, овошните сокови.

„И ние треба да одговориме на мерките за да имаме повторно еднакви услови за игра. Но тажно е што мораме да прибегнеме кон ова, бидејќи на крајот американските и европските потрошувачи ќе го платат сето тоа“, изјави Андерс Самуелсон, министер за надворешни работи на Данска.

Американската администрација се обидува да го намали негативниот ефект и можните последици од оваа еднострана мерка, најавувајќи исклучување на најверните сојузници. Сепак, главниот економски советник на Белата куќа, Гери Кон даде оставка на функцијата, изразувајќи несогласување со овој потег на Трамп. Сега се очекува оваа позиција да ја заземе некој од заговорниците на протекционизмот, пред сѐ Петер Наваро и Јари Кудлоу.

„Постојат потенцијални исклучоци како што се Мексико и Канада, врз основа на националната безбедност. А можеби, исто така и други земји“, изјави Сара Сандерс, портпарол на Белата куќа.

Статистиката покажува дека најголемо учество во американскиот увоз на челик имаат Канада и Бразил, со 16 односно 13%, а потоа доаѓаат Јужна Кореја, Мексико и Русија со 10, односно 9%, додека Германија учествува со скромни 3%. Анализата на сличен потег на претседателот Буш во 2002-ра покажува дека со ваква мерка биле погодени над 200 илјади американски работници.

 

Свето Николовски