Охрид

Развој на туризмот преку справување со незаконското работење и нелојалната конкуренција

08.03.2018 16:35

Нелојалната конкуренција и непочитувањето на законите се најголемите проблеми со кои се соочуваат туристичките агенции, водичите, станоиздавачите, хотелиерите и угостителите во Охрид. Ова беше речено на денешната јавна расправа околу предлог- измените на Законот за угостителска и туристичка дејност, кој треба да воспостави нови европски правила на однесување во овој сектор на стопанството.

Државата мора да се справи со дивите туристички агенции, нелегалните станоиздавачи и сите други чинители кои ја создаваат нелојалната конкуренција во угостителската и туристичката дејност. Неопходни се измени на законите за овие дејности, но треба да се внимава бидеќи можат да се провлечат предлози каков што е оној со кој се фаворизираат само големите туристички агенции, кои ќе можат да ја платат лиценцата за која би биле потребни помеѓу 200 и 300 илјади евра.

„Агенцијата се регистрира, вработува луѓе, ги исполнува условите, после тоа ја добива лиценцата и на крај откако ќе ја добие лиценцата ги испушта вработените, кои што се фиктивно вработени, колку за добивање на лиценца. И моментално можам да кажам дека во градов и државава функционираат агенции со А лиценца, а се со еден или двајца вработени“, изјави Јаким Маленко- агенциски работник.

„Генерално за цел Охрид се работи исто, бидеќи знаеме цели згради се откупени и парите наместо да се слеваат во општинската каса, како што е ред и како што е добро, се слеваат во приватните џебови на одредени моќници“, изјави Томислав Бакулески- станоиздавач.

Само со поголема и постојана контрола од надлежните институции може да се воведе ред во туристичкиот сектор.

„Таа туристичка инспекција не само што ќе ја има улогата на контрола, но ќе ја има и улогата на едукатор на туристичкиот сектор. Значи не ќе се оди веднаш на казни, тоа не е цел. Целта е да се укаже како тоа треба да се направи“, нагласи Шофкет Хазаридржавен советник за туризам во Министерство за економија.

„Претставниците на Светска банка кои што специјално најавија присуство на овие работни средби и на разговорите затоа што го имаат лоцирано Охрид како туристичка дестинација која што понатака треба да се развива, да ја подржуваат во развојот, особено во изготвувањето на стратешки документи поврзани со развојот на туризмот во Охрид“, вели Јован Стојаноски-градоначалник на Охрид.

На средбата како нелојална конкуренција беа посочени и маркетинг агенциите кои функционираат како организатори на некои настани, посредуваат во хотелско сместување, превоз, обезбедување на водичи и угостителски услуги, што значи дека вршат туристичка дејност за која не се регистрирани.

 

Сашо Нелоски