Штрајк на рударите од Саса на 14-ти март, бараат зголемување на платите

12.03.2018 15:00

Штрајк на рударите од Саса, Македонска Каменица на 14-ти овој месец. Тие бараат зголемување на платите за 20 насто, учество во нето добивката на рудникот и поголема заштита при работа...

Мултиетничкиот Ссиндикат на образованието соопшти дека Синдикалната организација на рударите во рудникот САСА од Македонска Каменица решила да штрајкува на 14-ти март од 7 часот пред Управната зграда.

Според претседателот Драге Јованоски, тие бараат дел од добивката, до 20%, да им припадне на вработените, зголемување на платите, подобрување на условите за работа, регулирање на стажот и на работното време на рударите.

Според Синдикатот на МЕСО пропаднале трите предлози за помирување, затоа што менаџментот не го прифатил нивното барање за средба и социјален дијалог. Од МЕСО уверуваат дека тие се репрезентативен синдикат на рударите во САСА.

„Имаме некаде околу 380 членови кои што членуваат со пристапници кај нас, така да ние практично сме и мнозинскиот Синдикат и одлуката на собранието на кое присуствуваа над 280 рудари, останатите беа во смена, не можеа да присуствуваат, очигледно дека доминираме во членството во САСА од Македонска Каменица“, изјави Драге Јованоски, претседател на Мултиетничкиот синдикат на образование.

Реагираше рудникот САСА од Македонска каменица. Велат дека постои репрезентативен синдикат кој е дел од СИЕР, Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство со кој по преговорите бил потпишан колективен договор.

Во тек се преговори на менаџментот со Синдикатот на СИЕР за ново покачување на платите за 2018-та, се вели во соопштението. Од САСА тврдат дека побарале од надлежниот суд да донесе привремена мерка со која ќе забрани МЕСО да доставува барања и да организира штрајкови и протести со кои ќе се попречува работењето на рудникот.

Од САСА го оспоруваат и наводниот лидер на синдикатот на МЕСО, за кој тврдат дека не е вработен во рудникот и дека овој синдикат нема доставено писмени изјави и платена членарина за ниту еден вработен во САСА.

Оттаму велат дека новите газди од Велика Британија, компанијата „Центар Азија металс“ од Лондон ќе продолжи со инвестиции во рудникот, а рударите имаат плати кои во февруари се повторно покачени и се двојно поголеми од просекот во земјава, се вели во соопштението од САСА.

 

Свето Николовски