Сириска криза

16.04.2018 12:32

Претседателот Трамп писмено го извести Конгресот за одлуката да ја нападне Сирија. Белата куќа негира дека САД ќе останат подолго во Сирија. Вашингтон вели- мисијата на САД не се промени...

„Мисијата на САД не се промени“, соопштија од Белата куќа по изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон кој тврди дека го уверил својот американски колега Трамп да го продолжи престојот на трупите во Сирија.

Претседателот беше јасен, сака да ги врати назад американските војници што е можно поскоро. Решителни сме да ја поразиме Исламска држава. Очекуваме од регионалните сојузници и партнери да преземат поголема одговорност, и воена и финансиска, за да се осигура регионот“, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Домашната политичка елита, а и дел од светските владини претставници во одбрана на воената интервенција на Западното трио во Сирија чијашто влада ја обвинуваат за напади со хемиско оружје врз цивилното население.

Претседателот постапи правилно што испрати проектили во Сирија, што уништи хемиско оружје, односно што се ослободи од оружје кое не се користело по Првата светска војна. Асад го нападна својот народ со вакво оружје. Добро е што се придружија и Британија и Франција“, изјави сенаторот Мич Мекконел.

Важно е да се потенцира дека не беше обид да се смени текот на војната во Сирија, ни да се смени режимот на Асад. За жал, војната и сите нејзини ужаси ќе продолжат и натаму, но со ова, светот покажа дека му е доста од хемиско оружје. време беше да кажеме НЕ“, рече британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон.

Според дипломатски извори, Организацијата за забрана на хемиско оружје зад затворени врати почнала итни разговори за наводниот напад со отровен гас во сирискиот град Дума. Москва соопшти дека нема да се меша во работата на Организацијата во Сирија. Поради ескалацијата на фронтот, австрискиот канцелар Себастијан Курц повика на обновување на мировните преговори од 2015-та година.

 

Маја Филдишев