Општина Карпош

Богоев најави кривична за Јакимовски, тој пак- контра тужба

16.04.2018 15:43

Државниот завод за ревизија констатирал неправилности во работењето на општина Карпош. Документот е испратен до Обвинителството и Финансиската полиција. Градоначалникот Богоев вели дека е акумулиран долг од 18 милиони евра. Тврди оти не се пресметува со својот претходник. Јакимовски одговара- средствата се користени наменски. Најави кривична против Богоев...

Во 2014-та општината Карпош ненаменски потрошила кредит од 2,6 милиони евра- покажал извештајот на Државниот завод за ревизија. Градоначалниот Стефан Богоев рече дека покрај ова утврдени се низа нерегуларности во финансиското работење. Ревизорите констатирале дека има пропусти и во изградбата на новата општинска зграда, а бараките во кои е сместена администрацијата е дивоградба.

Богоев, презентирајќи го извештајот рече дека ненаменски и неоправдано се доделувале пари на организации, здруженија на граѓани и на клубот „Карпош Соколи“.

„Одговорно тврдам дека ненаменски не сум потрошил ниту денар и не сум направил никаква злоупотреба на парите на граѓаните“- одговара ексградоначалникот Стевчо Јакимовски. Тврди дека сето ова е лага и манипулација на Стефан Богоев и СДСМ. Негира дека долгот на општината е 18 милиони денари, како што тврди неговиот наследник.

Богоев го доставил ревизорскиот извештај за работењето на општината до Основното јавно обвинителство и до Финансиската полиција. Јакимовски, пак, најави кривична пријава за градоначалникот на Карпош.

 

Викторија Милевска