Здравство

Помошен медицински персонал: Ноќниот труд да се вреднува како дежурство

16.04.2018 15:58

Помошниот медицински персонал не се согласува со одлуката на ресорот здравство за зголемување на паушалот за ноќен труд за 80 денари. Бараат тој да се вреднува како дежурствата. Се бара и трајно решение за медицинските сестри кои поради пензионирање на лекарите во општа пракса остануваат без работа.

Ноќниот труд да се вреднува како дежурство, да се плаќа по саатнина- бара помошниот медицински персонал. За нив е неприфатливо зголемувањето да биде само 80 денари, со што за 8 часа би биле платени околу 300 денари. Поради недостиг oд кадар велат работат и по 16 часа, труд кој на лекарите им се плаќа како дежуство. Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушери барањето го доставила до гранковиот синдикат за здравство. Веќе се почнати преговори за потпишување анекс на колективниот договор.

„И 100 и 200 проценти да се зголеми ноќниот труд, нема да бидеме задоволни и нема да биде вреднуван нашиот труд како што треба, организиран како дежурства, а наречен ноќен труд. Само во случај кога би се вреднувале сестрите по основ на дежурства, само во тој случај би можело да се случи да имаме финансиско задоволство“, изјави Гордана Бешлиовска, Унија на здруженија на медицински сестри, техничари и акушери.

Со проблем се соочуваат и медицинските сестри- концесионери. По пензионирањето на лекарите, без работа останува и кадар со тридецениско искуство.

„Бараме повеќето од концесионери сестри да се вратат во Здравствен дом. Тие се со големо искуство. Од една страна имаме недостиг од медицински сестри, којшто се одлева и оди во странство, а без работа остануваат сестри со искуство“, вели Снежана Спирова, претседател на Медицинските сестри концесионери.

Поради затворање ординации и пензионирање на лекари, до крајот на годинава десетина медицински сестри ќе останат без работа, најголем дел од нив се на 50- годишна возраст.

 

Андријана Атанасовска