Судство

Сослушани тројца сведоци за нападот врз пратеникот Зијадин Села

16.04.2018 16:19

Тројца нови сведоци на обвинителството сослушани на судењето за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27-ми април во Собранието. Меѓу сведоците, и неговиот колега Мухамед Зеќири. Идентификуваше двајца од обвинетите. Појасни како лидерот на Алијансата за Албанците бил извлечен од групата пратеници и тргнат на страна, но не го видел тепањето...

Повеќе од два часа, сокриен во кабината за превод сместена на галеријата од собранискиот прес центар, пратеникот Мухамед Зекири гледал како луѓе од толпата фрлаат предмети кон неговите колеги и ги навредуваат.

Посочи како обвинетиот Александар Јаневски во еден момент го фатил Зијадин Села за раката и го по повлекол низ толпата. Салата почнала да се празни, но од позицијата каде што бил не го видел тепањето. Тведеше- напаѓачите го барале и него, но пратеничката Фросина Ременски ги убедувала дека во кабината нема никој.

Сведочеше и полицаец вработен во одделот за обезбедување на личности. Видел луѓе од толпата кои го влечеле Села. Пратеникот се тетеравел, по што паднал, а околу него имало петнаесетина луѓе кои го удирале по главата и по телото. Сведокот појасни дека застанал до него и се обидел да ги спречи ударите, а и самиот Села додека бил свесен со рацете си ја штител главата, се до моментот кога престанал да мрда, по што сведокот помислил дека е мртов. Во судницата не ги идентификуваше насилниците, бидејќи како што рече, бил сконцентриран да го одбрани пратеникот.

Исказ даде и член на собраниското обезбедување, кој рече дека заедно со уште неколкумина безбедно го евакуирале Села, маскиран како полицаец, надвор од собраниската зграда.

 

Анита Димитријевска