Потребни се измени во Законот за сурогат мајчинство

16.05.2018 15:14

Да се смени членот во законот кој вели дека само брачни парови можат да направат договор за сурогат мајчинство, родителите да не се третираат како менаџери. Експерти бараат законот да претрпи промени за да не биде дискриминирачки. Во земјава имало неколку барања за сурогат мајчинство...

Македонија има либерален закон за сурогат мајчинство, но сепак, се потребни измени. Според професорот од Правниот факултет, Дејан Мицковиќ, некои членови се спорни, а дискриминирачки е тоа што договор за сурогат мајчинство може да склучат само брачни парови. Во друг член пак, родителите се третираат како менаџери, бидејќи постапката дозволува користење дониран ембрион.

„Наоѓа донор на јајце клетка, наоѓа донор на сперма, наоѓа сурогат мајка, го менџира целиот процес и добива бебе. Тоа е највистина спорно затоа што во најголем број европски законодавства и пошироко во светот се бара барем еден од родителите да има генетска врска со детето што ќе го роди сурогат мајката. Во Законот воопшто не се користи терминот сурогат мајка, туку се користи терминот гестациски носител, така што жената што ја игра улогата на сурогат мајка воопшто не се смета за мајка што исто така е спорно, затоа што тоа значи напуштање милениумската традиција според која се знае која е мајка на детето тоа е жената што го раѓа“, изјави професорот по семејно право, Дејан Мицковиќ.

Досега во земјава имало неколку постапки за сурогат мајчинство. Во една од нив, мајката се јавува како сурогат носител за својата ќерка. Истовремено станува баба и мајка. Ова е осетлива тема, за која е потребна психолошка поддршка- став на експертите.

„Ова е една прилично суптилна и чувствителна тема. Од апсект на емоциите дури и некои автори ќе речат високо ризична и за мајката носителка и за детето понатаму. Практиката посочува и позитивни среќни примери, но и примери каде што соочувањето со емоциите за време на бременоста и по бременоста кај мајката гестациски носител се прилично сложени“, изјави Ана Фрицханд, Филозофски факултет.

Од 2015-та година во Македонија законски е регулирано сурогат мајчинството, како што е примерот со Русија и некои земји од Европската унија. Во други пак, Германија, Франција и Италија, постапката е забранета.

 

Андријана Атанасовска