Наскоро ТВ- дуел

16.05.2018 16:24

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски понуди, премиерот Заев прифати телевизиски дуел. Подготвени се да ги соочат аргументите не само за разговорите за името, туку и за други прашања...

Прифаќам тет-а-тет средба со премиерот Заев, но не во неговиот удобен кабинет, туку на телевизиски дуел да ги соочиме аргументите пред граѓаните, не само за разговорите за името, туку и за други прашања. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ја фрли ракавицата кон политичкиот противник.

„Да дискутираме за ова прашање, тој да може да ги информира граѓаните како преговара, за што преговара. Но и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики кои што се случуваат изминатава година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која што така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто“, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  Мицкоски.

Премиерот Заев ја прифати фрлената ракавица на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Подготвен е да се соочи со политичкиот опонент на ТВ дуел во секое време, бидејќи како што вели владиниот гласноговорник, транспарентноста и отвореноста се меѓу основните принципи на работа на премиерот.

„Отвореноста е еден од основните принципи според кои работи претседателот на Владата на Република Македионија Зоран Заев. Постојано комуницираме со јавноста на отворен и двонасочен начин, преку одговори и прашања, но и дебати и дуели. Така што премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата е отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти“- соопшти владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Засега е неизвесно кога би се одржала лидерската средба. Во Софија е самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој ќе учествува и премиерот Заев, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак, во бугарската метропола ќе биде на самитот на Европската народна партија. ВМРО-ДПМНЕ за 2-ри јуни пред Владата најави народен протест.

 

Милчо Велески