Наскоро разговор Заев- Ципрас

05.06.2018 13:10

Во прашање се денови кога ќе се случи телефонскиот разговор со Ципрас, вели премиерот Заев. Оптимист е дека ќе има решение за името...

Премиерот Зоран Заев се воздржува од детали за преговорите со Грција за разликата со името. Останува внимателен, како што вели, сѐ додека не се случи клучниот телефонски разговор со неговиот грчки колега Ципрас. Заев додава дека во прашање се денови. Не ја коментира изјавата на грчкиот министер за надворешни Коѕијас, кој вели дека во игра остануваат три имиња од пакетот на посредникот Нимиц- „Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“ и „Република Нова Македонија“.

„Не сакам ниту да потврдувам, ниту да демантирам делови, заради тоа што би можело да се наштети на процесот, а не би го сакал тоа. Чувствително е кај нас, чувствително е во Грција, се носат сериозни одлуки, да не заборавиме дека на крајот, граѓаните одлучуваат на референдум, но важно е како тоа ќе биде договорено, секако доколку биде, како тоа ќе биде мотивирачки за граѓаните. Ако порано излеземе со некои детали, можеме да направиме сериозна штета на преговарачкиот процес“, изјави премиерот Заев.

Доаѓа моментот да го кажеш големото „ДА“ или големото „НЕ“ и ги разбираш тешкотиите што се наоѓаат пред тебе, констатира Коѕијас. Тврди дека наскоро ќе се затвори прашањето и за 5 до 10 дена ќе биде потпишан договорот.

„Мислам дека раководството на ПЈРМ носи многу тешка и правилна одлука за која е потребна голема политичка храброст, голема политичка зрелост и мислам дека тоа го покажуваат и ќе го покажат. Исто така, мислам дека ги објаснуваат и придобивките што постојат за нивната страна“, изјави Коѕијас.

Коѕијас во интервјуто за ЕРТ открива детали од договорот. Вели дека е подготвуван од експерти на двете земји и е на 20 страници. Во него сѐ што требало да се направи е направено. Шефот на грчката дипломатија констатира- воља за решавање на спорот постои од двете страни.

 

Миле Ристески