Евроинтеграции

Условен датум за почеток на преговори

27.06.2018 12:58

Македонија доби условен датум за почеток на преговорите со Унијата во јуни 2019-та година. Ова беше тешка дискусија, изјави претседавачот со Унијата, Захариева. Има уште многу работа што треба да се заврши. Потребен е напредок во реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби...

По 10- часовна дискусија, шефовите на дипломатиите на ЕУ донесоа одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија во јуни 2019- та. Датумот е условен, двете земји- кандидатки мора да покажат континуиран напредок во реформите. Усвоени се барањата на Холандија, Франција и на Данска коишто имаа забелешки за проширувањето.

„Има многу работа за завршување. Ако ги погледнете заклучоците за двете држави тие се врзани со услови за владеење на правото, за реформи во јавната администрација, борбата против организираниот криминал, што посебно се однесува на Албанија. Во целост сепак се дава многу јасна временска перспектива и конкретни задачи и за двете држави“, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија.

ЕУ очекува во Македонија да продолжи конструктивниот дијалог со сите партии за продлабочување на реформите во судството, владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, борбата против радикализацијата и тероризмот, реформата на разузнавачките служби, деполитизација на јавната администрација, изборни реформи, слобода на медиумите и зацврстување на контролата на функционерите. Брисел очекува Македонија да ги одржува добрососедските односи и целосно да го ратификува договорот со Грција.

„Станува збор за еден урамнотежен текст кој ги одразува напорите кои беа направени од страна на оваа земја и напорите кои останува да се направат. Со еден збор да кажам- напред, одете само напред. Ставот на Франција беше познат и се знае од вчера. Сега се наоѓа на одобрување пред шефовите на држави и влади“, истакна францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

Се очекува Европскиот совет да ја потврди одлуката на Советот за општи работи. Ова е прва одлука на Унијата за почнување преговори со земји- кандидатки по 2015- та.

 

Ирина Гелевска