Во Дизелдорф, претставен деловниот амбиент во земјава

27.02.2014 11:10

Македонија нуди конкретни и поволни услови за странските инвеститори...

Македонија нуди конкурентни и поволни услови за странските инвеститори. Има стабилна политичка и економска клима, ниски даноци и трошоци за почнување бизнис. Вака премиерот Груевски им го претстави деловниот амбиент во Македонија на германските бизнисмени. Ги повика да дојдат и да вложат во земјата која има пријателски однос кон инвестициите.

„Третманот на инвеститорите е многу подобар отколку во многу други земји во Европа и пошироко затоа што имаме одличен тим кој на дневна основа се труди да ги реши сите прашања или проблеми со кои може да се соочи една компанија за време на инвестирањето или работењето во Македонија. Ве канам да ја посетите земјата и некои од компаниите кои веќе инвестираа и да го споредите тоа што ви го кажав и тоа што ќе ви го кажат тие“, рече Груевски пред присутните бизнисмени. 

Груевски зборуваше за позитивниот раст на македонската економија, намалувањето на невработеноста и за рангирањето на Светска банка која ја вбројува земјата како топ реформатор.

„Исто така е важно тоа што Македонија во изминатите 7-8 години значително ја подобри бизнис климата. Тоа не е само наш, туку и став на Светска банка. Како што знаете, Светска банка секоја година го објавува годишниот извештај „Дуинг бизнис“. Во 2006 Македонија беше рангирана на 94-тото место, а денес на 25-тото во светот. Тоа е подобар рејтинг отколку на 20 земји-членки на Европската унија“, истакна премиерот.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески пред германските бизнисмени изјави дека во Македонија има квалификувани и образовани луѓе, што е олеснување за странските инвеститори да најдат квалиитетен  кадар.

„Постои можност инвеститор на кој му се потребни посебни вештини или универзитетска програма, универзитетот да воведе нова програма или да ја смени постоечката според потребите на инвеститорот. Ова е уникатно искуство и како мала земја тоа е возможно преку лесниот пристап до универзитетското раководство или до владата, кои ги носат тие одлуки“, рече Ставрески.

Добрите бизнис услови ги потврдија и странските инвеститори кои веќе работат во Македонија.

„Нашето досегашно искуство во Македонија е многу добро. Најдовме многу таленти, техничари какви што ни се потребни, луѓе што зборуваат повеќе јазици. Размислуваме да ја преместиме во Македонија Службата за клиенти поради пониските цени, но и за да ги концентрираме сите Служби за клиенти на едно место каде што се зборува на сите поважни европски јазици. И да, заинтересирани сме да инвестираме повеќе во Македонија ако тоа го бара бизнис-логиката“, им објасни на присутните менаџерот на „Кемет Електроникс“, Андреас Мајер.

„Всушност, имаме нов тендер за 18 фабрики и разгледуваме повеќе места. Ќе поднесеме повеќе понуди, а денес дознавме и дека новиот договор за концесија доживеа напредок. Ќе мора да ги провериме сите детали, но изгледа дека македонската влада навистина го слуша инвеститорите како да се понуди подобар тендер отколку во минатото“, изјави Дирк Гурзениг, менаџер на ПЦЦ „Реневабел“.

Германија во моментов е трет најголем инвеститор во македонија. По Диселдорф, следна дестинација на владиниот тим е Штутгарт.

На форумот организиран од „Фајненшл тајмс“, премиерот Груевски ги повика германските бизнисмени засилено да инвестираат за Германија да стане број еден странски инвеститор во Македонија.

 

Билјана Василева Трендафилова- специјален известувач на МРТ од Диселдорф