Сè повеќе Македонци заработуваат на Интернет

27.02.2014 11:03

Работа од дома, заработка на солидна месечна плата со едноставно кликање на сајтови, месечна заработка и до неколку илјади долари преку кликање и гледање на реклами…Ова се само дел од огласите со кои се преплавени интернет страниците кои помагаат при вработување, пишува порталот „Економски Лидер“

Бројот на македонски граѓани кои заработуваат на Интернет, тренд што во светот е присутен веќе подолго време, е се поголем. Работата на Интернет е особено атрактивна за млади кои се уште се на студии или се подолго време невработени, пишува порталот „Економски Лидер“.
 
„Лидер“ разговараше со Марија Станковска, 25 годишна студентка, апсолвент на Факултетот за информатички технологии. Таа објаснува како со само два часа работа на интернет се доаѓа до солидна заработувачка.
 
„Се што правам е кликам на реклами. Тоа е само одредено време во денот, но мора да се прави секој ден. Заработувачката е поголема доколку најдете повеќе луѓе да се регистрираат под вашето име“, вели Станковска.
 
Кликањето на реклами е само еден начин како да се заработи на интернет. За ИТ експертите, овој начин е најатрактивен за младите кои поголем дел од денот поминуваат пред компјутер. Сепак, сметаат експертите, Интернетот нуди и пооригинални идеи како начин за заработка, како на пример препродажба на стари работи, блогирање, интернет туторство, работа на проекти и сл.
 
„Тоа се фриленсери и имаат сериозна работа на интернет, таквите лица креираат портфолија, изработуваат платформи и сл. Но тоа им е сериозна работа и тие се издржуваат од работата на Интернет“ вели Дарко Булдиоски, интернет консултант.
 
Со интернетот, некои луѓе заработуваат одлични суми на пари. За некои тоа е работа со полно работно време, а за некои едноставно нешто плус кое што им служи и како хоби, но и како начин за дополнително да заработат.
 
Сто и осумдесет македонски фриленсери заработиле над 550.000 долари во 2013-та работејќи на проекти кои се нудат на оналјн глобалната платформа за наем на работници Elance.com. Заработката во сооднос со бројот на жители, ја рангира Македонија втора во регионот после Србија, а сумата од толку мал број на македонски фриленс работници говори дека земјава располага со талентирани професионалци, 
 
Elancе е една од интернет платформите за хонорарна работа на која свои профили имаат над 800.000 компании и 3 милиони фриленсери кои се најмуваат зависно од цените што ги нудат, но почесто од квалитетот на веќе сработените проекти за кои добиаат оценки од работодавачите.