Распределба на станови

06.07.2018 14:11

Министерството за транспорт и врски објави оглас за распределба на 53 станови за социјално најранливи категории граѓани. Огласот е отворен до 6-ти август...

Објавен е оглас за доделување на 53 станови за социјално- ранливите категории. Во Кочани ќе се распределат 43, а во Македонски Брод 10 станови. Имаат право да конкурираат 7 категории лица, најпрвин децата без родители и родителска грижа и лицата над 18 години кои биле згрижени во институции за деца без родители, појаснија од Министерството за транспорт. Апликантите треба да исполнат неколку услови, а документите може да ги поднесат во меѓуопштинските центри во Кочани и во Македонски Брод.

„Годинава треба да бидат завршени 41 стан во Струмица и 70 во Гостивар. За нив се завршени 90 проценти од предвидените работи. Се подготвува јавна набавка за избор на компанија за изградба на 48 станови во Пробиштип, за 62 стана во Неготино се врши проектирање, и се дополнува проектната документација за 34 станови во Пехчево, за 54 во Свети Николе и за 39 во Виница. Во Скопје е во тек постапка за издавање одобрение за градење за 312 станови“, соопшти министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Огласот ќе трае до 6-ти август. Подносителот на барањето за добивање на социјален стан може да аплицира само за една од седумте категории корисници.

 

Викторија Милевска