Поддршка од САД за НАТО

06.07.2018 14:45

Јасен сигнал за членство во НАТО, американскиот потпретседател Пенс му го честиташе договорот со Грција на македонскиот премиер Заев...

Договорот покажува јасен сигнал дека Република Македонија се доближува кон развиениот западен свет, што ќе биде јасно верификувано на самитот на НАТО во Брисел наредната недела. Ова, во телефонски разговор, на премиерот Заев му го кажал американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој воедно му честитал за постигнатиот договор за името со Грција. Како што соопштуваат од Владата, во разговорот Пенс истакнал дека поканата за влез во НАТО, е потврда дека позитивниот резултат од референдумот ќе значи конечно полноправно членство на Македонија во Северно-атлантската алијанса.

„Разговарав со македонскиот премиер за да му ја понудам поддршката на САД за историскиот договор за решавање на долготрајното прашање за името со Грција. Успешната имплементација ќе ја отвори вратата за европска интеграција и ќе ги зајакне просперитетот и стабилноста на регионот“, напиша Пенс на социјалната мрежа „Твитер“.

Во интервју за грчкиот јавен сервис, Заев како датуми за одржување на референдумот ги посочи 23-ти и 30-ти септември како и 7-ми октомври, по што, како што рече, доколку граѓаните ја дадат поддршката ќе следуваат уставните измени најверојатно до Божиќните празници. Заев оценува дека земјата има доволно време да го спроведе референдумот, а и скринингот за да почнат преговорите за членство во ЕУ идниот јуни.

„Народот убеден сум дека ќе биде за Договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде- Дали сте за ЕУ и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција. Веројатно во тој правец ќе биде, бидејќи едно со друго кај нас е поврзано. И од таков аспект, граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, Владата, Парламентот, Претседателот на државата, сме должни да го почитуваме. Или, можеби прашањето ќе биде- Дали сте за ЕУ и НАТО поддржувајќи го името Северна Македонија, заради тоа што тоа е договорот“, вели премиерот Заев во интервју за грчката национална телевизија.

Со потпишувањето на договорот станавме пример за светот како се решаваат идентитетските прашања, вели премеирот и додава дека најтешкиот дел за него било прифаќањето на име за севкупна употреба. Заев повтори дека немаме територијални претензии кон Грција и го почитуваме грчкото наследство.

 

Анита Димитријевска