Реакции по интервјуто на Заев за ЕРТ

Иванов нема да се поколеба и да го потпише договорот со Грција

06.07.2018 15:03

Претседателот Иванов не прифаќа договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Ставот на Иванов е непроменет и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани- велат од Кабинетот на шефот на државата. На Заев не му е важен националниот консензус, изјавија во ВМРО-ДПМНЕ...

Македонскиот претседател не прифаќа договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Ставот на претседателот Иванов е непроменет и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани- велат од кабинетот како реакција на интервјуто на премиерот Заев за ЕРТ.

„Премиерот Заев со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската, туку и грчката и меѓународната јавност. Членството на Република Македонија во Европската унија и НАТО, не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ“, велат од кабинетот на шефот на државата.

Реакција и од ВМРО-ДПМНЕ. Интервјуто на Заев е понижувачко. Во разговорот не е споменато името на државата, на народот, ниту македонските топоними. Од партијата сметаат дека за суштински прашања за кои одлучуваат македонските граѓани не треба да се говори на странски медиуми, особено без консултација со шефот на државата- регираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Одговорија од СДСМ. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, СДСМ и претседателот Заев имаат изградени политики, ставови и мислења за кои јавно и отворено зборуваат пред граѓаните, како што личи на секој одговорен политичар. Тоа се однесува и за размислувањата и отворените можности за формулација на реферндумското прашање, кое ќе биде составено преку поширока вклученост на јавноста- велат Социјалдемократите.

 

Марина Стојанова- Тонева