Граѓаните да решат за иднината на сопствената земја

06.09.2018 17:10

Не е до мене да се мешам во внатрешните работи на вашата земја, на луѓето е да решат за иднината на државата. Можам само да повикам граѓаните да излезат на референдумот, независно дали нивниот одговор ќе биде „не“ или „да“ и да решат за сопствената земја. Ова го потенцира генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервјуто за Македонската Радио- телевизија дополнувајќи дека членството во Алијансата покажало дека се зголемува напредокот и има економски раст...

Состојбата е ваква. Имаме луѓе кои ќе се изјаснат „за“, имаме и „против“ и оние кои ќе бојкотираат. Што мислите, независно од резултатите од референдумот, дали ќе можат овие резултати да се преточат во уставните измени во декември за да се следи атлантското интегрирање?

- Не е до мене да се мешам во домашната дебата тука. До луѓето во земјава е да решат. Но, ги повикувам да земат учество во референдумот, затоа што ова е многу важен референдум. Станува збор за суштинско време за вашата земја. Оваа можност се случува еднаш во животот, и дали ќе е „не“ или „да“, тоа ќе биде крајно важно за земјата, и затоа се надевам дека луѓето ќе излезат и ќе ја изразат нивната волја на референдумот. Не е до мене да решам, тоа е до луѓето во земјава. Но, она што можам да го кажам е дека ако се согласите со договорот за името, тогаш ќе станете членка на НАТО. 29 членки решија да ве поканат, на Самитот во јули, пред неколку месеци, ние веќе ги почнавме преговорите за придружување и кога ќе го спроведете договорот за името, ќе го потпишете протоколот за членство и ќе почнете да учествувате на состаноците на НАТО.

Досега имавме 19 акциски планови за членство. Секако, сакаме да бидеме членки на НАТО, но има анкети за тоа. Ова е секако време на одлука. Што би значело членството за регионалната стабилност, слушнавме многу за корекцијата на границите, што значи за Македонија?

- Мислам дека членството ќе придонесе за регионалната стабилност. Важно е за земјата, но и за цела Европа. Досега забележавме дека проширувањето на НАТО придонесе за напредокот и стабилноста на цела Европа. Ова беше случај во поранешна централна и источна Европа, како и во Западен Балкан. Имаме земји како Хрватска, Словенија, Албанија, и од неодамна црна Гора кои станаа членки на Алијансата. Ќе придонесе и за економскиот напредок, зашто е блиска врската меѓу безбедноста и напредокот, за економскиот развој. Безбедноста создава услови за економски развој и за инвестиции. Откако Црна Гора влезе во НАТО, инвестициите од земјите- членки на НАТО се удвоија. И затоа, ќе биде добро и за безбедноста, но и за напредокот, економскиот развој, вработувањата во земјата.

 

Зоран Богатинов