Практиканството ќе биде регулирано со закон

14.09.2018 15:11

Законот за практиканство на јавна расправа. Според надлежните, тој ќе им обезбеди на младите искуство и знаење и ќе им помогне побрзо да стигнат до работно место. Од друга страна, компаниите ќе добијат квалитетен кадар. Законот предвидува не само волонтерски, туку и финансиски бенефит за младите...

Младите до 29- годишна возраст кои одат на практика ќе бидат платени. Ова го предвидува првиот Закон за практиканство. На јавна дебата презентирани дел од новините. Компаниите ќе ги ангажираат младите во рок од шест месеци. Во првите три ќе добиват 5.000 денари надоместок, во преостанатите три ќе им се исплаќа по една просечна плата. Надлежните со став дека на овој начин, младите ќе стекнат искуство и знаење, а компаниите квалитетен и обучен кадар.

Од 2017-та година, 902 лица биле вклучени во програмата за практиканство. Половина од нив се вработиле. За работодавците, законското решение конечно ќе ја регулира оваа област, ќе ги заштити правата на практикантите, а компаниите ќе добијат кадар согласно со нивните потреби.

Со Законот ќе бидат опфатени младите од 15 до 29 години. Надлежните размислуваат возрасната граница да ја поместат до 34 години.

 

Викторија Милевска