Седница за референдумот

14.09.2018 15:54

Сите активности за референдумот се одвиваат според планираното. Се утврдува изгледот на гласачкото ливче. Од утре кампања- Твој став, твое право...

Државната изборна комисија не се соочила со проблеми при досегашниот тек на организацијата на референдумот, информираше првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски. Тој вели оти сите активности се одвиваат според планираното.

„Досега немаме никави проблеми околу организацискиот аспект. Не знам каква е перцепцијата во јавноста, меѓутоа сметам дека ако продолжиме вака нема да имаме проблеми и понатаму од организациски аспект, како и на денот на референдумот“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

ДИК ја почна кампањата за информирање и едукација на граѓаните во врска со нивното уставно загарантирано право на глас. Изработени се видео спотови.

„Од утре стартува официјалната кампања на ДИК со која едуцираме и информираме за правата на граѓаните во врска со референдумот, под мотото- Твој став, твое право“, изјави членот на ДИК, Борис Кондарко.

Комисијата донесе неколку упатства, меѓу кои за начинот на гласањето и за важечки и неважечки ливчиња.

„Граѓаните да запомнат дека важечко гласачко ливче е само она кое што се заокружува зборот ЗА или зборот ПРОТИВ. Во друг случај таквото гласачко ливче не може да биде важечко“, изјави Елизабета Постоловска, член на ДИК.

Гласачките ливчиња ќе ги печати „Киро Дандаро“ од Битола. Понудила најповолна цена, но висок квалитет, посочи Деркоски. Од вкупно 3.480 избирачки места, во 81 нема да се гласа, бидејќи бројката на пријавени граѓани е помала од десет.

 

Фиљана Кока