Обвинителство

Се проверуваат јавните набавки во здравството

10.08.2018 15:33

Обвинителството оформи предмет за јавните набавки во Министерството за здравство. Ќе се проверуваат поништениот тендер за биореагенси и тестови за крв од 35 милиони евра, како и набавката на лекови од веледрогерија за јавните здравствени установи, вредна 400 илјади евра, спроведена без тендерска постапка. Обвинителството постапува по допрен глас. Имало индиции за повреда на законот...

Основното јавно обвинителство за организиран криминал отвори предистражна постапка за јавните набавки во Министерството за здравство. Институцијата постапува по допрен глас, односно по објавените написи во медиумите за наводни неправилности.

Предметот се однесува на постапката за тендерот за реагенси и тестови, вреден 35 милиони евра, како и набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи, извршена без тендерска постапка во износ од околу 400 илјади евра.

„Основното Јавно обвинителство ги презема сите потребни дејствија и е во координација со институциите надлежни за овој вид кривични дела“, велат од обвинителството.

Тендерот вреден 35 милиони евра за набавка на хемиски реагенси беше поништен пред една недела. Пристигна само една понуда. Министерот Филипче рече дека имало недостатоци во поднесените документи и најави нов тендер, откако ќе се преиспитаат критериумите и ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач.

 

Андријана Атанасовска