Градиме искрено пријателство

10.08.2018 15:48

„Пријателството и соработката меѓу Македонија и Бугарија се искрени“, вели Заев по дебатата што се разви во соседната држава, откако тој рече дека Илинденското востание е Македонско...

По дебатата што се отвори дали Македонија и Бугарија градат искрено пријателство, премиерот Заев на граѓаните, како и на критичарите во двете земји им порача да немаат дилеми во однос на позитивниот развој на односите меѓу двете страни по постигнатиот договор за пријателство, соработка и добрососедство.

„Ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу давата народа. Неколку пати обележувавме историски настани. Верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите. Некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа шти искрено сакаме соработка и пријателство како во Договорот за добрососедство и пријателство“, напиша премиерот Заев на својот Фејсбук профил.

Обраќањето на Заев доаѓа по реакциите од Бугарија, откако лидерот на тамошните Социјалисти, Корнелија Никова побара одговор од премиерот Борисов за изјавата на Заев, кој рече дека Илиндеското востание е македонско. Борисов побара внимателност од властите во нашата земја.

„Ги оставам сите да ги одмеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, се оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да биде повнимателен“, изјави Борисов.

Од Софија, порачаа дека заедничката иднина на двете земји како членки на НАТО и ЕУ е многу важна, но дека историските факти се нешто друго и не смеат да бидат игнорирани и занемарени. Премиерот Заев, пак, вели дека заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато, и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина.

 

Ирина Гелевска