Интеграцијата во НАТО- стратегиски интерес

18.09.2018 13:32

Се наоѓаме пред историски момент, од кој зависи нашата сегашност, но и иднината, вели претседателот на Собранието, Џафери. Учесниците на дебатата „НАТО интеграцијата- предуслов за безбедност и развој“, со став- Преспанскиот договор ни ги отвора вратите за полноправно членство во Алијансата и старт на преговорите за членство во Европската унија...

„Членството во НАТО значи голема одговорност и придонес во зачувување на мирот и безбедноста“, оцени првиот парламентарец Талат Џафери. Претседателот на Собранието вели оти е сигурен дека мнозинството граѓани ќе го прифати Договорот од Преспа, клучен за интеграциските процеси.

„Припадниците на нашата Армија досега учествувале и учествуваат во повеќе мировни операции ширум светот. Притоа, иако нашата Армија е мала, сепак секојдневно потврдува дека има добро обучени војници и старешини кои ефикасно и одговорно ги исполнуваат дадените задачи. Односно, имаме Армија која ги исполнува стандардите на НАТО“изјави Џафери.

Со влезот во НАТО стануваме предвидливи, тоа значи економски вложувања и развој, изјави министерката за одбрана Шекеринска.

Хрватската амбасадорка во земјава ги советува граѓаните да го искористат своето демократско право и да изберат дали сакаат да бидат дел од Европската унија и НАТО.

„Можеби не е совршено, но јас навистина не знам што е подобро од тоа. Ако постои, покажете ми, можеби ќе го промениме мислењето. Како земја која е во пост конфликт и пост транзиција навистина сакаме да видиме сите наши соседи да станат дел од стабилен и просперитетен регион“, изјави амбасадорката Данијела Баришиќ.

Македонија е пред историски момент, референдумот е значајна фаза за приклучување на земјата во НАТО, рече претседателот на Евроатланскиот совет Исмет Рамадани.

Учесниците на конференцијата на тема „НАТО интеграцијата- предуслов за безбедност и развој“, се согласија дека македонија заслужува да биде дел од Алијансата.

 

Фиљана Кока