НБМ проектира 330 милиони евра странски инвестиции во 2014

Зголемено кредитирање-бараат компаниите и граѓаните

07.11.2013 21:48

Народната банка излезе со нови попозитивни проекции за раст на економијата

 Според анализите на Централната банка БДП годинава ќе порасне за 3,3%, догодина 3,7%. Оптимизмот го базира на засилените јавни и странски инвестиции, извозот и закрепнувањето на личната потрошувачка.

„Попозитивните оценки сега се темелат на подобрите остварувања во првата половина од годината, но и врз основа на порастот на инвестициите, како странските така и јавните. Позитивно изненадување е и тоа што врз растот почнува да влијае се повеќе и приватната потрошувачка. Овој тренд очекуваме да се засили во следните две години,,изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Економскиот раст се очекува да биде поддржан со забрзување на кредитирањето, иако годинава ќе заврши со слаб кредитен пораст од само 5,2% и тоа воден од кредитирањето на граѓаните, а не на компаниите. За следната година се очекува кредитирањето да порасне за 6,4%, додека пак во 2015 година, за 8,5%.

„Неизвесниот глобален амбиент и согледувањето на банките за ризиците се одразија врз кредитната политика на домашниот банкарски сектор преку зголемена претпазливост“ - потенцира гувернерот.

Инфлацијата е проектирана на 2,8% годинава,  во следните две 2,3% и 2%.  Дефицитот на тековната сметка, според Богов, ќе биде три отсто од БДП.  За јавниот долг гувернерот уверува дека сервисирањето не треба да се доведе во прашање- НБРМ има доволно средства и води сметка за обврските кои доаѓаат во наредниот период.

За следната година се очекува странските директни инвестиции да изнесуваат 330 милиони евра  или 4 проценти од БДП.

Билјана Василева Трендафилова