37 заседание на Генералната конференција на УНЕСКО

Министерката Канческа Милевска се обрати во седиштето на УНЕСКО

08.11.2013 15:54

Горди сме на придонесот што го вложивме во промовирањето и имплементирањето на активностите и иницијативите на Организацијата како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, вчера вечер имаше обраќање во седиштето на УНЕСКО пред учесниците на 37-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржува од 5 до 20 ноември во Париз.
 
-Горди сме на придонесот што го вложивме во промовирањето и имплементирањето на активностите и иницијативите на Организацијата како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво, рече министерката за култура и изрази надеж дека Генералната конференција на УНЕСКО ќе овозможи поставување на нови цели, кои во духот на заложбите на УНЕСКО ќе ја унапредат соработката и ќе ја стават во функција на потребите на граѓаните на нашите држави.
 
Пред високите претставници од 195 држави во светот, како и претставниците на повеќе од 50 меѓународни организации, Канческа-Милевска потенцираше дека Владата на Република Македонија, како држава-членка на УНЕСКО, обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и настојува да воспостави активна и конструктивна соработка со другите држави-членки на УНЕСКО.
 
-Во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО нашата земја реализираше низа активности кои ги збогатија нашите искуства во доменот на културата, образованието, информатичкото општество, животната средина и другите области, но реализиравме и проекти со кои се обидовме да дадеме свој влог во разрешувањето на проблемите со кои се соочува човештвото - нагласи Канческа-Милевска.