НБРМ: Ликвидноста на банките стабилна, расте кредитирањето

12.03.2014 15:34

Од Банката велат дека на девизниот пазар биле забележани вообичаени сезонски движења, при што девизните позиции на банките сеуште се на релативно стабилно ниво...

Ликвидноста на банките минатиот месец остана на стабилно ниво. Според првичните податоци за кредитните текови, во февруари продолжи месечниот раст на кредитите, а истите беа насочени кон претпријатијата и кон населението. Економијата се очекува да расте со сличен интензитет како во последните месеци од минатата година, оценува Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

„Остварената динамика на кредитната активност е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. Сепак, и понатаму постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, коишто се поврзуваат со согледувањата на банките за профилот на ризик на побарувачката, конзервативните стратегии на големите банкарски групации коишто со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар и натамошното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио“, стои во соопштението на НБРМ.

Од Банката велат дека на девизниот пазар биле забележани вообичаени сезонски движења, при што девизните позиции на банките сеуште се на релативно стабилно ниво. Податоците за девизните резерви за февруари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Во однос на оценката за економијата, посочува НБРМ во соопштението, дека во голема мерка се заснова врз постојаните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор. Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Новите податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината и понатаму упатуваат на пониски инфлациски притисоци. Трошоците на живот во февруари се намалија за 0,1 отсто на месечна основа, што доведе до дополнително забавување на годишната стапка на инфлација (0,6 отсто на годишна основа). Овие остварувања ги потврдуваат претходните оценки за претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, проектирана на 2,3 проценти.