Почнува 38. Млад отворен театар

19.09.2013 14:41

Со претставата „Тоа што телото не го памети“ во режија, сценографија и кореографија на Вим Вандекејбус вечер во Македонската опера и балет почнува 38. Меѓународен театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ).
 
Со претставата „Тоа што телото не го памети“ во режија, сценографија и кореографија на Вим Вандекејбус вечер во Македонската опера и балет почнува 38. Меѓународен театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ).
 
„Тоа што телото не го памети“ е една од најзначајните претстави на белигиската театарската група „Ултима вез“ оригинално создадена во 1987 година и премиерно изведена во Њујорк. Поради специфичноста на изразот, критиката на Њујорк Тајмс и Гардијан ја оценуваат претставата како исклучително иновативна и значајна и таа станува огромна сензација која ги поместува границите на театарската уметност на меѓународно ниво. 
 
Дел од отворањето на МОТ е и првата театарска премиера „Носталгиумот на еден перфориран копиљ“ („Пу за мене, пу за сите“) во режија на Јане Спасиќ.  Претставата ќе биде изведена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 22:30 часот. 
 
Мотото на фестивалот е „Театар на црвена линија“. Публиката во осум фестивалски вечери ќе може да погледне 15 претстави, а ќе гостуваат театри од Македонија, Белгија, Италија, Турција, Србија, Бугарија, Словенија и Хрватска. Дел од програмата се и претставите „Ноќна пеперутка“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, „Прст“, копродукција на Хартефакт и Битеф театар, најдолагата претстава -„Галеб“ на Српско народно позориште, „Жолта линија“ на Загребачко казалиште младих... Премиерно ќе биде изведена и претставата „Малечката“ на Театарот од Истанбул. 
 
Ќе настапат и Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово, Независниот алтернативен театар „Вондерленд“, студенти од ФДУ, од Скопје танцова академија и академијата ЕСРА.
 
Дел од годинашниов МОТ се работилницата за драмско пишување под водство на проф. Жанина Мирчевска, работилница за танц што ја води проф. Рисима Рисимкин, промоција на книгата „Седум драми од БиХ“, чиј приредувач и преведувач е Лилјана Мазова. Програмата е збогатена и со одбележување на 40-годишниот јубилеј на актерот Бајруш Мјаку со претставата „Народен непријател“ во режија на Дино Мустафиќ. 
 
Годинава за реализација на фестивалот Град Скопје одвои 1,5 милиони денари. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со 4,5 милиони денари. Претставите ќе се играат на сцените на Младинскиот културен центар, Македонската опера и балет и Македонскиот народен театар.