Зелената енергија ќе нè направи енергетски независни

19.03.2014 13:00

Македонија има доволно природни ресурси за да обезбеди чиста енергија која без загадување на средината ќе ги дава истите ефекти. Сонцето, водата и ветерот се потенцијалите во кои банките се повеќе ќе инвестираат...

Инвестирањето во зелена енергија може да го извлече Балканот од енергетската зависност. Експертите од регионот посочуваат дека во Македонија има доста природни ресурси кои може да бидат искористени за создавање енергија. Сонцето, ветрот и водата се алтернативни потенцијали кои може да ја сменат состојбата кон подобро.

„Мислам дека е возможно за Македонија, зашто тука не се целосно искористени алтернативните извори на енергија. Може да се развива напред со неколкугодишен план за да може да се достигне степен на искористеност како што е во Европа, вели Александар Балакчиев, претседател на Балканска зелена енергија.

Банките го препознаваат потенцијалот, вели Балакчиев. Во наредните години, инвестициите во зелената енергија ќе заземат големо место во еконосмкиот развој.

Банките застануваат зад вакви проекти. Потребно е да има добра законска рамка. Перспективно низ годините сигурно интересот ќе биде поголем за да се развива бизнисто, додава Балакчиев.

Причина за досегашната мала искористеност на алтернативните извори на енергија, според експертите е функционирањето на традиционалните централи кои даваат струја.

Малата искористеност се должи на тоа што има многу термални централи кои работат на горива од ископ. Во Бугарија имаше и нуклеарни централи, и малку хидроцентрали кои може да бидат уште повеќе искористени, објаснува Балакчиев.

Последниве три години Бугарија направила голем чекор кон искористувањето на енергијата. Инсталирани се над 2.000 гигават часови струја, во соларни панели, ветерници и дел хидроцентрали. Во Македонија при крај е изградбата на првиот ветерен парк кај Богданци кој треба да произведуваат 100 гигават часови струја годишно што е доволно за околу 15 илјади домаќинства или 60 илјади жители.

 

Катерина Давчева