Во Алангаланг смртоносно стампедо во потрага по храна

Преживеаните на Филипините очајно бараат помош

13.11.2013 13:12

По првиот бран на уништување на тајфунот Хаијан, недостаток од храна, вода и лекови ги разорува најтешко погодените области на Филипините

 Во очајна потрага, толпа упадна во владино складиште за ориз во Алангаланг. Среде метежот, врз нив се урнал ѕид убивајќи 8-мина. Војската и полицијата на мостот Сан Хуанико во Лејте успеале со истрели да ја одбијат навалицата од жители кои барале храна.

„Пукаат, затоа побегнавме. Од Националната народна армија се, ги има многу“, објаснуваат жителите.

Според секретарот за внатрешни работи на Филипините, тоа не е вистина. „Синоќа бевме од другата страна на Сан Хуанико. Имаше 25 припадници на војската и на националната полиција“, тврди.

Без струја се околу 220 илјади домаќинства. Жителите на најтешко погодениот Таклобан ги откопале и ги искршиле цевките во обид да дојдат до вода.

„Вода земаме од подземна цевка што ја скршивме. Не знаеме дали е безбедна. Ја превриваме. Барем имаме нешто“, вели жител на Таклобан.

Обединетите нации проценуваат дека тајфунот погодил 11 милиони луѓе, а 673 илјади се раселени. Војската и полицијата и хуманитарците од повеќе земји се тркаат со времето да достават помош во отсечените области.

„Нашата мисија е медицинска, дезинфекциска и спасувачка. Мојот тим е одговорен за дезинфекцијата“, изјави Ким Јонг Санг, хуманитарец од Ј. Кореја.

Дополнителна опасност се труповите кои шират зараза. Претседателот Акино ја смени првата проценка – загинале 2.500 луѓе, а не 10.000, како што рекле претставници на власта во момент на шок.

Хуманитарците велат дека се обидува да го смири населението, но со оглед на уништувањето, бројката е сигурно поблизу до 10 илјади. Акино порача дека по Хаијан, никој не може да тврди дека климатските промени не се вистина и оти ако не се преземе ништо, катастрофата на Филипините нема да биде последна.

 

Ивана Салтировска