Неизвесност нема – рекорди има!

18.11.2013 15:31

Во недостаток од возбудувања на патеката –љубителите на Формула 1

Во недостаток од возбудувања на патеката –љубителите на Формула 1 ги бројат рекордите. На четири трки до крајот Ред Бул и Фетел ја расипаа забавата со супериорно освоените шампионски титули, Германецот го собори и рекордите на Аскари и на Шумахер од 7 последователни победи со како на плеј-стејшн сигурниот триумф на американското гран при, потврдувајќи дека сезоната е одамна завршена , а битката за второто место во конкуренција на пилоти и на конструктори не е доволен предизвик за да донесе поголема возбуда.

И токму тоа ги загрижи водечките луѓе во Формула 1. Свесни за настаните од ерата на доминацијата на Шумахер, кога гледаноста и интересот кон најбрзиот спорт паднаа на рекордно ниско ниво, сега се соочени со истиот предизвик, што да се смени за идната да не биде здодевна како и тековната сезона. Несомнено враќањето на турбо ерата ќе донесе одредени промени, но многумина се сомневаат дека новите шасии и В6 турбо моторите ќе донесат поголема израмнетост и повеќе возбуда на патеките. Опција за поголема акција се одново пневматиците, но од Пирели најавуваат дека им е доста од сите критики на нивна сметка и дека сериозно размислуваат за ултра  безбедни компоненти што ќе значат и трки со едно влегување во боксовите. Компромис сигурно ќе се најде , но и најмалку упатените се свесни за вештачките обиди за внесување неизвесност во спортот во којшто се е подредено на максималната безбедност. Несомнено така и треба да биде, но притоа и да не се заборави дека спортот значи битка, извлекување и давање на максимумот, акција и постојана тензија што и покрај сите обиди во Ф1 циркусот ја има се помалку.