Сардинија под вода – 17 луѓе се удавија

20.11.2013 09:31

Ветар од 125 километри на час и пороен дожд

 Циклонот Клеопатра ја погоди Сардинија.

Најмалку 17 луѓе загинаа во ударот на циклонот Клеопатра на Сардинија.  Татко и дете се најдени удавени во автомобилот, а четиричлено семејство во подрумскиот стан. Најтешко е погоден градот Олбија на северот на островот. Тројца загинале кога се урнал мост под нивната кола. Полицаец се удавил возејќи како придружба на  амбулантно возило. Исчезнати се уште 10-тина луѓе.

„Дојдов во куси панталони, има речиси 50 сантиметри вода. Ручавме и одеднаш се најдовме со нозете во вода“, вели жител на Сардинија.

„Дојдов од Ористано утрово. Три часа стоевме во вагонот среде поплавата. Мојата куќа е добро, но не можам да дојдам до таму“, објаснува друг.

Жителите известуваат дека нивото на водата наместа достигнало и до 3 метри. Улиците се претвориле во реки и влечеле се пред себе, а во пристаништето танкерите се удирале еден од друг под налетот на ветрот со брзина од 125 километри на час. Населението на социјалните мрежи им нуди сместување на неколку илјади настрадани. „Невреме како од апокалипсата“ – вака градоначалникот на Олбија ја опиша ситуацијата. Премиерот Енрико Лета го свика кабинетот за да објави вонредна состојба за справување со, како што ја нарече, националната трагедија.

„Одобривме 20 милиони евра за итна интервенција. Во нив не се вклучени парите неопходни за реконструкција, кои ќе ги одобриме по проценката на штетата. Тоа што се случи е неверојатно количество на дожд. Ќе сториме се што можеме“, соопшти Лета.

Невремето продолжува на исток. Во опасност од поплави е Венеција.

Сицилија, позната по долгите плажи и кристалната вода на Коста Смералда и обично сувата медитеранска клима, беше погодена од невреме предизвикано од голема област на низок притисок среде Средоземното море. Нестабилните услови се очекува да предизвикаат уште проблеми низ Италија, особено во Венеција, движејќи се на исток.

Новинар:

Ивана Салтировска