Лондон засрамен од британската верзија на Фрицл

22.11.2013 13:04

„Обична куќа во обична улица“ во срцето на Лондон е сцената на психичката и физичката суровост и ропство

„Обична куќа во обична улица“ во срцето на Лондон е сцената на психичката и физичката суровост и ропство што ги трпеле три жени цели 30 години. Градот е засрамен од својот случај Јозеф Фрицл.

Жртвите, 30-годишна Британка, 69-годишна Малезијка и 57-годишна Ирка, обезбедувани од полицијата, со страв и недоверба го пречекориле прагот на домот на брачниот пар, обајцата на 67 години, кои ги држеле во заточеништво поголемиот дел од животот.

„Имале одредена контролирана слобода. Полициската единица за трговија со луѓе се справува со многу случаи на ропство и принудна работа. Сме виделе луѓе да бидат држени и до 10 години, но никогаш нешто од олкави размери“, објаснува Кевин Хајленд од Скотланд Јард.

Почетокот на крајот бил еден телефонски повик во добротворната организација наречена „Слобода“ која им помага на жртвите на принудни бракови. Поради траумите што ги претрпеле жените, полицијата се уште не може да ги разјасни околностите на нивното грабнување и деталите од нивниот живот.

„Тешко е за жени што биле во ропство 30 години психички да излезат низ вратата. Им требаше време да стекнат доверба во организацијата, дека ќе им помогнеме и ќе се грижиме за нив“, вели портпаролката на организацијата „Слобода“ Анита Прем“.

Една од жените смеела да излезе од дворот или да отиде до продавница, под будното око на „главите на семејството“, како што ги нарекувале. На другата и била одбиена помош кога се пожалила на срцев удар. Најмладата го поминала целиот живот во куќата, лишена од секаков нормален контакт со надворешниот свет. Никогаш не се посомневале ни соседите ни некој друг.

„Училиштата и колеџите морало да проверат зошто младата девојка не се вратила. Каде биле? Во септември ќе им го поставиме тоа прашање на сите училишта и колеџи – каде биле и што направиле за да проверат дали се безбедни“, рече Прем.

Жените биле извлечени од домот на грабнувачите на 25. октомври, но брачниот пар киднапери се уапсени синоќа откако полицијата ги собрала доказите. Сега се на слобода со кауција до јануари кога ќе треба да се појават пред судот.

Ивана Салтировска