Бројот на жртви во Рига,Латвија се искачи на 33 лица

22.11.2013 13:19

Изутрината продолжи потрагата по евентуалните преживеани во несреќата во Рига

Изутрината продолжи потрагата по евентуалните преживеани во несреќата во Рига,Латвија, кога се урна покрив врз главите на посетителите во преполниот супермаркет. Бројот на жртви се искачи на 33 лица, меѓу кои има и тројца пожарникари. Спасувачката акција ќе трае со часови, изјави латвискиот премиер.

,,Таму е мојата сопруга. Немам информации дали е жива или не. Кога и да се јавам немаат информации,,, вели еден загрижен сопруг.

Причините за несреќата се уште не се познати, но неофицијално станува збор за експлозија на покривот на којшто се градела зимска градина.

И во Кина експлозија на нафтовод усмрти 22 лица.  До несреќата дошло при отстранување на дефект на нафтоводот во близина на еден трговски центар во градот Џингдао, на источниот брег на земјата. Властите прецизираат дека локацијата на инциднетот е далеку од каква било нафтена инсталација или воен објект.Нафтоводот Џингдао-Вејфанг, кој е во вкупна должина од 176 километри, беше пуштен во употреба во август годинава и е во сопственост на најголемата кинеска петрохемиска компанија „Синопек“.

Околу илјада луѓе се собраа на централниот  плоштад на главниот украински град, Киев да го искажат револтот против владината одлука да го суспендира потпишувањето на спогодбата за асоцијација со ЕУ и наместо тоа да се фокусира на обновување на врските со Русија. Демонстрантите со украински и знамиња на ЕУ извикуваа –Украина е Европа. Официјални претставници на ЕУ изразија надеж дека Украина ќе го потпише договорот на самитот на Источно партнерство на ЕУ во Вилнус наредната недела.

Протести и во Португалија. Илјадници португалски безбедносни сили ги преплавија улиците на Лисабон протестирајќи против наметнатите владини мерки за штедење. Отстранувајќи ги барикадите поставени од нивните колеги кои беа на должност, стигнаа пред влезот на парламентот барајќи од  властите да се откажат од намерата за намалување на буџетот на полицијата. Португалија веќе три години е во сериозна криза и на раб на банкрот, за што многумина во земјата ги обвинуваат острите мерки на штедење кои ја зголемиле невработеноста.

Бојана Крстевски