Протести и во југоисточна азија

Тајландската влада се соочи со народот

26.11.2013 12:40

Илјадници тајландски антивладини демонстранти протестираа против работењето на премиерката Шинаватра, со барање за оставка на Владата. Во главниот град Бангког, тие ги запоседнаа министерствата, а на службениците им поставија ултиматум да ги напуштат зградите. Истовремено, во тајландскиот Парламент почнаа дебати по предлогот на опозицијата за гласање недоверба на премиерката Инглук Шинаватра и на министерот за внатрешни работи Чарупонг Руеангсуван.

САД се заканија со повлекување на сите војници од Авганистан поради условувањата на претседателот Карзаи, кој на средбата со советникот за национална безбедност на САД, Сузан Рајс изјави дека се  до завршувањето на претседателските избори во земјата во април 2014,  останува на ставот да не го потпише  клучниот безбедносен договор со кој се регулира натамошниот престој на американските сили по повлекувањето на странските војници од Авганистан. 

Двајца руски воени инструктори кои работеле за јеменската армија се убиени во јужниот дел на  Јемен. Инцидентот се случил пред вратите на хотелот во кој престојувале, откако им се доближиле двајца вооружени лица на мотор  и пукале во нив. Властите за нападите ги обвинија исламистичките милитанти поврзани со Ал Каеда.

Најмалку 19 лица загинаа, а уште 43 се повредени во серија експлозии и престрелки во неколку градови во Ирак, јавуваат официјални претставници на полицијата во Багдад и во Мосул. Најкрвавиот инцидент се случил на прометниот Ал Садрија отворен пазар во централниот дел на Багдад, откако експлодирала скриена бомба, убивајќи девет лица  и повредувајќи уште 25. Известувачот на ОН за Ирак, Николај Младенов смета дека токму конфликтот во Сирија придонесува за јакнење на тероризмот и меѓуверските тензии во соседен Ирак. Според него, решавањето на сириската криза и усвојување регионална стратегија против сите форми на верски екстремизам се од пресудно значење за воспоставување  стабилност во Ирак.

9 лица загинаа во фабрика за преработка на храна во градот Мудандјанг  на североистокот на Кина. Несреќата се случила за време на паузата за ручек кога покривот се урнал и паднал врз работниците, најверојатно, како последица на  силното снежно невреме. Поради големите снежни наноси кои неделава го прекрија североистокот на земјата, голем број патишта се затворени, а летовите на локалните аеродроми се откажани.

Бојана Крстевски