Музичко-филмски спектакл

Филмска вечер со Македонската филхармонија

03.12.2013 14:04

На 5 декември 2013 година

На 5 декември 2013 година, љубителите на филмската уметност ќе имаат ретка можност да проследат музичко-филмски спектакл. Во градското кино „Милениум“ со почеток во 20:00 часот, посетителите ќе имаат можност да уживаат во реставрираниот нем филм „Вагнер“ од режисерите Карл Фрелих и Вилијам Вауер, кој е снимен во далечната 1913 година.

Овој нем филм кој го раскажува животот на еден од најголемите оперски композитори во историјата, Рихард Вагнер, ќе оживее со изведбата на музиката од Македонската филхармонија под водство на маестро Хелмут Имиг од Германија. Оригиналната музика за филмот на Џузепе Бече е реконструирана од самиот диригент Имиг, кој зад себе има многубројни вакви проекти и кој важи за водечки специјалист за филмска музика во светот. Неговите исклучително успешни проекти се изведуваат во Берлин, Париз, Њујорк, Франкфурт...

Со овој филмски концерт се одбележуваат 200 години од раѓањето на Рихард Вагнер, како и 100 години од снимањето на филмот, а настанот е во организација на Македонска филхармонија, Гете Институт и Кинотека на Македонија.