Втора фаза од спогодбата

07.02.2025 09:49

Во рамки на договорот за прекин на огнот, Хамас утре ќе ја ослободи петтата група од тројца израелски заложници. Во тек се разговори за втората фаза од спогодбата.

Во рамки на договорот за прекин на огнот, Хамас утре ќе ја ослободи петата група од тројца израелски заложници киднапирани на 7 октомври 2023 година. Во тек се разговори за втората фаза од спогодбата. Од милитантната група велат дека внимателно ги следат изјавите на американскиот претседател Трамп за судбината на палестинската енклава. Светот и натаму го разбранува предлогот на Трамп за преселба на Палестинците и управување на Газа.

„Имав историска средба со претседателот Трамп, што беше голема пресвртница за иднината на Израел. На оваа средба тој ја изнесе и својата идеја за Газа, за денот по Хамас. Мислам дека вреди добро да се слушне првата оригинална идеја што се покренува по години“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Државниот секретар Рубио вели дека земјите кои го критикуваат планот на Трамп треба да отстапат и да најдат решение.

„Ми се чини дека има многу земји во светот кои сакаат да изразат загриженост за Газа и за палестинскиот народ, но многу малку беа подготвени во минатото да направат нешто конкретно. И затоа мислам дека претседателот Трамп се обидува да го поттикне тоа и се надевам дека ќе добие реакција од некои земји кои имаат и економски и технолошки капацитет да придонесат за постконфликтен регион“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Од ЕУ со став, не треба да има понатамошно принудно раселување на Палестинците, а Газа треба да биде суштински дел од палестинската држава.

„Европската унија останува целосно посветена на решението за две држави, за кое веруваме дека е единствениот пат кон долгорочен мир и за Израелците и за Палестинците“, изјави Ануар Ел Ануни, портпарол на Европската комисија за надворешни работи.

Во меѓувреме, Американскиот претседател Трамп потпиша извршна наредба за санкции на Меѓународниот кривичен суд, обвинувајќи го за преземање незаконски и неосновани дејствија против САД и Израел. Мерката предвидува финансиски и визни ограничувања за поединците и нивните семејства кои помагаат во истрагите на судот.

 

Маријана Димовска