Намален промет во маркетите

08.02.2025 15:08

Изминативе два дена се намалил прометот на маркетите, ама, вчера се купувало повеќе од претходниот петок на првиот бојкот – УЈП направи пресметка…

Профитот на осумте најголеми супермаркети во четврток и во петок е намален за 22,12 насто, покажува анализата на УЈП. Но, сепак граѓаните пазареле за 37 проценти повеќе отколку минатиот петок. Ова, според Управата за јавни приходи е поради пензиите и платите кои биле поделени на почеток од месецот. Но, не постои оптимизам дека бојкот ќе ги натера трговците да ги намалат цените, се бара потрајно – системско решение.

Цените на храната пораснаа неколку пати во последниве години, оти се зголемува увозот, а тој зависи од економските кризи, војните и недостигот на гориво и суровини, велат професорите по економија. Сметаат дека бојкотот не е трајно решение, туку мора сите надлежни институции да го регулираат профитот, што е најголем кај добавувачите и дистрибутерите, а најмал кај маркетите.

Цените на производите растат и поради недоволно домашно производство, кое зависи од работната сила, која, пак, сè почесто заминува надвор од земјата.

Ирина Гелевска