Опустошена шумата на Шара!

10.08.2014 16:47

Се пустоши шумата на Шар Планина- предупредуваат тетовските планинари. При секоја тура забележувале дека некој ги сече стеблата, но при последната виделе дека е опустошен цел еден предел. Ги повикуваат надлежните на засилени контроли...

Десеттина хектари пустош. На ваква глетка наишле планинарите од клубот „Јелак“ при традиционалниот марш до месноста „Ѓенов Камен“. Исечената шума ја забележале движејќи се по планинарската патека на околу 4 кулометри над селото Варвара.

„Шумата постојано се ретчеше, а сега е катастрофа, состојбата е стравична. Вистински пустош. Нема оставено ниту едно дрво. Оставиле неколку млади гранки кои претпоставувам не се за горење“, раскажува Александар Стојаноски Цули – ПК „Јелак“.

Планинарите забележале траги од механизација и пробиен пат. Без оглед дали се работи за легална или нелегална сеча, бараат да се престане со уништувањето на шумите.

„Ние таа шума ја паметиме како густа и пријатна за одење, во дебела сенка. Меѓутоа сега, годинава, низ неа како што поминувавме, едноставно останавме без зборови од тоа што го водовме“, вели Бошко Видоески – ПК „Јелак“.

„Има многу места на кои се слушаат пили, на кои има сеча. Назнам дали е легална или нелегална, не ме интересира, мора да се прекине со тоа“, рече Александар Стојаноски Цули – ПК „Јелак“.

Посочуваат дека Шара има одлични услови за развој на туризам. Ваквите места ги посетуваат не само домашни, туку и странски туристи.

„Верувам дека и за странците, знаејќи го нивниот менталитет, сигурно за нив ова би било уште полошо“, смета Бошко Видоески – ПК „Јелак“.

„Се е помодерно да се планинари, а од друга страна ги уништуваме сите услови“, додава Александар Стојаноски Цули – ПК „Јелак“.

За ова ги информиравме надлежните во Македонски шуми подружница „Лешница“ – Тетово. Најавија дека ќе го посетат местото за да ја утврдат состојбата, а потоа ќе се превземаат соодветни мерки.

 

Зоран Јованоски