Крушево преполно со туристи

05.01.2015 16:16

Крушево оваа зима ја покажа сета своја моќ за привлекување туристи. Ски патеките се подготвени, снег има доволно, а се бараат соби како никогаш досега...

Крушево овие денови е буквално сардисано од туристи од цела Македонија. Се бара кревет повеќе, дури и не се прашува за неговата цена. Сместувачките капацитети се резервирани скоро за цел јануари. Ски лифтовите и жичарите работат со полна пареа.

На ски терените Станиќ во Крушево врие како во вистински мравјалник. Снегот и прекрасната атмосфера ги привлекоа туристите не само од Македонија туку и од соседните држави, Србија, Бугарија, Грција, Хрватска.

Туристите се презадоволни.

„Прекрасно е тука, снег има доволно стазите се средени, ова е вистинска зимска идила, се е екстра“, велат гостите.

Снег има доволно за цела сезона, а за секој случај тука е и новиот систем на топови за вештачки снег.

„Ски патеките се подготвени, исто така подготвена и ски патеката под жичарницата, двата ски лифтови се во функција, мислам дека оваа година Крушево го постигна максимумот кога е во прашање понудата за скијање“, вели Мишко Христоски, концесионер на ски терените.

Преполни се сите угостителки објекти, во градот скоро и да нема место за паркинг.

„Јас сум од Јордан, студирам во Македонија, прв пат сум во Крушево и ова е навистина убаво и интересно место“, вели еден турист.

Најзадоволни угостителите кои тријат раце поради зголемениот профит.

„За Нова година побарувачката беше толку голема што и во двокреветни соби се сместуваа по 5 луѓе, само за да бидат тука за празниците“, велат угостителите.

„Крушево е подготвено да ги прими сите заинтересирани и слободно можам да кажам дека по понудата конкурираме на сите зимски туристички центри во регионов“, истакна Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.

Рекордна посетеност се очекува преку целата зимска сезона.

 

Дарко Штаргоски