Државна ревизија: Успешна работа, но нема повратни информации

07.03.2017 15:22

Државниот завод за ревизија, квалитетно ја врши работата, со оглед на ресурсите со кои што располага, но недостига разгледување на неговите извештаи во другите институции, како и постапување по неговите препораки, оценка на Центарот за економски анализи, кој го изготви првиот квартален извештај за следењето на работата на Државниот завод за ревизија.

Државниот завод за ревизија повеќе од добро си ја врши работата со оглед на ресурсите со кои што располага, но недостига разгледување на неговите извештаи во другите институции како и постапување по неговите препораки, е оценка на Центарот за економски анализи, кој го изготви првиот квартален извештај за следењето на работата на Државната ревизија.

Во 2015-та државните ревизори изготвиле 79 ревизорски извештаи со 700 препораки, од кои субјектите кои биле предмет на ревизија спровеле само 147,или речиси 4 пати помалку во однос на претходната година. Експертите сметаат дека недостига кооперативност кај институциите кои треба транспарентно да ги трошат јавните пари, а упатените препораки од државната ревизија да не ги доведуваат во прашање.

„Не може да постои директор на институција и да кажува дека ќе направи ревизија на ревизијата на Државен завод за ревизија. Ова може да се толкува од Државниот завод за ревизија, во смисла на член 11 и член 28, и како притисок врз државниот ревизор. Значи не може Државен завод за ревизија и ревизорот за извештајот да биде покренато обвинение против него или тој да биде повикан на одговорност“, изјави Маријан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.  

Државната ревизија работи според меѓународните ревизорски стандарди, почитувајќи го законот и има цел навреме да ги информира Собранието и Владата за состојбата во институциите каде што врши ревизија.

„Обврска на државниот ревизор е да даде оценка за,јас имам обичај да кажам, за точноста на бројките внесени во финансиските извештаи.И за тоа дали таквите бројки се темелат на веродостојни, исправни и целосни финансиски документи“, вели Цвета Ристовска, помошник на главниот државен ревизор.

Заменик- амбасадорот на Обединетото кралство Пол Едвардс смета дека една целосно функционална демократија не може да постои без кредибилни информации.

„Ефикасниот државен завод за ревизија има независност да ги гледа работите кои некои сакаат да ги скријат, и да ја предизвика и открие таа тајност. Ефикасниот државен завод за ревизија има способност да ги спроведува одлуките преку казни или други мерки. И најважно од се, според мене, ефикасниот државен завод за ревизија е транспарентен за народот да може да види дека даноците се трошат за доброто на сите“, изјави Пол Едвардс, заменик амбасадор на Обединетото кралство во Република Македонија.

Кварталните извештаи за работата на Државниот завод за ревизија ги изготвува ЦЕА во рамките на Проектот за подобрување на финансиската отчетност и транспарентност во земјава, што се реализира со поддршка на Британската амбасада и Вестминистерската фондација за демократија.

Свето Николовски