ДИК

Поднесени 103 приговори за вториот круг од локалните избори

01.11.2017 14:32

Алијанса за Албанците, БЕСА и Народното движење за Македонија поднесоа вкупно 103 приговори за гласањето во вториот круг од локалните избори. ДИК треба да се произнесе во рок од 48 часа...

Вкупно 103 приговори до ДИК поднесоа три политички партии кои се однесуваат на текот на гласањето и сумирање на резултатите од вториот круг на локалните избори. Најмногу, 89 приговори, поднеле од БЕСА и се однесуваат на општините Чаир и Тетово, 13 се од Алијансата на Албанците за Струга, а еден приговор пристигнал од Народното движење за Македонија за општина Чашка.

„Во моментов овие приговори се обработуваат согласно правилникот на ДИК, од страна на правната служба, се разгледуваат основите, наводите во приговорите, дали приговорите се уредни, како и доказните материјали кои ги содржат. Откако оваа постапка ќе заврши, ДИК ќе закаже јавна седница на која ќе одлучува за приговорите“, изјави портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Според роковникот, ДИК е должна во рок од 48 часа да донесе одлука по приговорите. Незадоволни од одлуките на ДИК, партиите може да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот пак, е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием, а неговата одлука е конечна во изборниот процес.

Иако ВМРО-ДПМНЕ не ги призна локалните избори и побара одржување на предвремени парламентарни, исто како и Алијансата на Албанците, сепак до ДИК не поднесоа ниту еден приговор. Тие побараа и смена на првиот човек на Комисијата, Чичаковски.

Миле Ристески